Промени го крајот на нечија приказна

Секогаш сум трогната кога ги слушам приказните на донорите и на примателите на органи

Даница Авсек долгогодишната прва жена на Словенија Трансплант, деновиве е повторно во Скопје во улога на експерт и лидер на Проектот за унапредување на системот за трансплантција во земјава што се спороведува во соработка со Делегацијата на ЕУ. Со доктор Авсек зборуваме за нејзината долгогодишна работа во полето на трансплантацијата. За тоа како Словенија како мала земја успеа да стане лидер по бројот на трансплантации во Европа, за нејзините лични борби, дилеми и победи, за личните приказни за органодарувањето кои и после толку години одново ја трогнуваат, за улогата на жената во светот на медицината, но и за тоа колку е реално Македонија да го достигне успехот на Словенија и Хрватска во трансплантацијата. Разговаравме и за Скопје, градот на нејзината младост, неговите широки улици и прекрасна мешавина на различни историски периоди. Градот кои и буди носталгија додека пулсира во духот на своите различности и мешавината на култури.

ТрнБевте долго време на чело на Словенија Трансплант и практично го подигнавте целиот систем во земјата до врвот во ЕУ по бројот на донатори и трансплантации. Кој беше најголемиот предизвик  во целиот тој процес?

Авсек: Пред да бидам именувана за директор на Словенечкиот институт за трансплантација во 2000- та година, работев како одговорен лекар во одделението за хируршка интензивна нега и како регионален координатор за трансплантација. Таму покрај редовната работа се соочуваав постојано со ненадејни загуби на млади животи и сето тоа ме погодуваше и правеше да се чувствувам немоќно. Токму поврзаноста со можноста за донирање органи и ткива и понатамошно лекување со трансплантација ми даде прозорец кон нешто позитивно. Во таа 2000-та година почнавме од темел да го градиме системот и се појавија многу предизвици во сите сегменти на работата. Често барав уникатни решенија кои беа надвор од востановените рамки на здравствниот систем, а не ретко беа и надвор од разбирањето дури и на моите колеги лекари,  па и на останатиот медицински персонал и јавноста. Голем предизвик беше и соработката со медиумите. Морав да ги научам основните правила на успешна соработка, правилната реториката и комуникациските стратегии. Посебен предизвик беше меѓународната соработка. Малите земји како Словенија мора многу внимателно да се претстават себе си на меѓународната сцена. Неколку пати сум забележала дека големите земји се самобендисани и не веруваат дека можат да се инспирираат од некои решенија на малите земји, кои пак имамат поголема транспарентност, поинтензивна соработка меѓу експертите и можеби најважно од се и поголем ентузијазам. Горда сум на нашите достигнувања, бидејќи во годините по пандемијата на Ковид, покрај Белгија и Хрватска, достигнавме близу 30 донори на милион жители. Веќе десет години сме земја со најмногу трансплантации на срце на милион жители и натпросечен успех во други програми како што се трансплантација на црн дроб, бели дробови и бубрези. Системот во Словенија е безбеден, веродостоен, доверлив. Властите во Министерството за здравство многу често не консултираат, исто и новинарите, дури и уметниците презентираат иницијативи за проекти за подигање на свеста за донирање органи и ткива по смртта.

Трн: Луѓето сакаат да слушнат убави приказни. Приказни со емпатија, љубов и хуманост, а трансплантацијата е една од тие приказни што ги надминува границите на медицината и навлегува во емотивниот дел од сите нас. Со трансплантацијата спасуваме еден или повеќе животи, но како да го спасуваме и човештвото враќајќи ја надежта во хуманоста…Зошто е тоа така?

Aвсек: Многу добро прашање. Јас сум воодушевена од овој феномен. Активноста на дарување, добивање органи и ткива и целата трансплантација е секогаш добра приказна. Сè уште сум изненадена и трогната кога ги слушам приказните на примателите на органи, нивните искуства со тешка прогресивна болест, дури и блиска смрт, а потоа за пресврт, приказните за нов роденден, за враќање во семејството и општеството. Затоа ми е многу интересна соработката со Здружението за трансплантација, тоа е многу стимулативно за мојата работа. Гестот на дарување на орган од страната на семејството на починатото лице, обично значи олеснување по тешка загуба, олеснување за време на тагувањето. Тоа е многу етички и хумано. 

Трн: Колку беше тешко да се борите со системот, колегите и веројатно со самата себе, за да го постигнете тоа што сте денес – жена која е во голема мера одговорна за градењето на системот за трансплантација во Словенија и која ја препознаваат и ценат колегите во светот?

Aвсек:Ми требаше многу енергија за да ја претставам ситуацијата, да ги презентирам моите идеи пред претпоставените во Министерството за здравство. Потребна беше доверба и трпение. Не секогаш добивав позитивен одговор. Честопати, кога се враќав од Министерството за здравство знаев дека ќе треба да се вратам со истото барање, желба, можеби неколку пати за да конечно успеам. Во мојата работа ги следев достигнувањата на организираните земји, но некои аспекти или сегменти требаше да се организираат на свој начин, на начин на мала земја. Нашата специфичност е секогаш присутна. Тука е и недостатокот на стручен кадар. Огромното мнозинство експерти се само делумно ангажирани во трансплантациските активности покрај другите обврски, па затоа е многу важна улогата на Институтот за трансплантација Словенија, кој ги поврзува донаторските и трансплантантните активности.  

Трн: Интересно е што додека бевте на чело на Словенија Трансплант, др. Мирела Бушиќ го започна системот за трансплантација во Хрватска, кој денес е еден од најуспешните не само во Европа, туку и во светот. Д-р Маја Мојсова Мијовска ова го прави во Македонија во изминатите неколку години. Како три жени успеаа да направат чудо во светот на хирургијата, која да бидеме реални, сè уште е претежно машка гранка?

Авсек: Да, интересно е како професор Танашевиќ кој во Тузла ги пречека координаторите од земјите од поранешна Југославија, не претстави нас три со зборовите дека сме елоквентни, комуникативни,флексибилни, независни и со јасна визија. Потребна е таа решителност и храброста. А ние ги имаме двете. Имам голема почит кон др. Мојсова, која првпат ја запознав кога почна да работи на овие простори. Бев изненадена колку многу таа направи сама и со помош на нејзините колешки Адријана Георгиев, др. Билјана Андоновска и уште неколку од центарот за трансплантација. Доктор Маја и нејзиниот тим се многу професионални, практични и одговорни. Со колешките Мирела и Маја ме поврзува искрено пријателство, пријатни разговори, посветеност на работата и многу убави моменти на различни професионални состаноци. Среќа е да се познаваат такви луѓе, да се работи со нив, да се споделуваат искуства. 

Одрекување од одговорност

Ставовите изразени во овој документ се единствена одговорност на “AESA – PLANET SA” конзорциумот и не мора да ги одразуваат ставовите на Европската комисија.